Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји.
Комесарот Вархеји на претседателот Пендаровски му го предаде Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2020 година.
На средбата беа разменети мислења за клучните наоди во објавениот извештај.
Заблагодарувајќи се за ангажманот на комесарот Вархеји и неговата цврста поддршка на перспективата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, претседателот Пендаровски истакна дека Извештајот дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите. Според претседателот Пендаровски, извештајот на комисијата дава поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери посочени во документот и претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината.
Претседателот Пендаровски го поздрави претставениот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, што има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, што е дополнително отежнато поради пандемијата од КОВИД-19, а во функција на забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Со претставениот план, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека иднината на целиот регион е во Европската Унија, а Брисел јасно демонстрира дека регионот е нејзин геостратешки приоритет.
Comments are closed for this post.