Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, за МИА вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник“. Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која се наоѓа во Брисел каде учествува на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.

Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото“. Таа оцени дека ВМРО ДПМНЕ прави сѐ за да нема кривична одговорност, додека за власта фокусот е да се обезбеди правда, а не само закон на хартија.

Законот со којшто ќе се овозможи продолжување на СЈО во поинаква форма ни е важен и ние правиме навистина сѐ, дури и направивме некои сериозни отстапки само да имаме закон којшто ќе обезбеди подобро функционално обвинителство и којшто ќе покаже дека во нашата држава има сериозен политички консензус за да се промени политиката на неказнивост од минатото, вели министерката за МИА.