Реални се шансите да дојде до компромисно решение, зашто сепак сме блиску до изнаоѓање формула во која и едната и другата страна, за кои можеби ќе изгледаат на прв поглед како преголема отстапка, но јас сум уверен дека Бугарија конечно ја има нашата кристално јасна порака каде не сме подготвени да попуштиме. Тоа ме храбри, нивното препознавање на она што е неспорно, дека може да биде првиот сериозен чекор кон враќањето на довербата.
Ова, меѓу другото, го изјави владиниот специјален претставник за односите со Бугарија, проф. Владо Бучковски, во вчерашниот разговор за 360 степени. Но, неговите пораки некако останаа во сенка на збиднувањата поврзани со бегството и враќањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Проф.Бучковски, за жал, не објасни што е тоа што на прв поглед, ама само на прв поглед можеби ќе изгледа како преголема отстапка во односите со Софија. Тоа што него го охрабрува, очегледно е признавањето на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија, што сега е во основата на враќањето на меѓусебната доверба.
Меѓутоа, очигледно и натаму нема одговор на прашањето дали тоа признавање на јазикот и идентитетот ќе се совпаѓа со бугарските тврдења за нивно постоење од 1944 година, или, пак, временската рамка ќе биде избегната?! Зашто, токму од ова зависи и временскиот континуитет на постоењето на Македонците како етнос и на македонизмот воопшто, како целина. Спротивното од ова ќе значи целосно прифаќање на бугарската теза за Македонци како географски термин и од корен редефинирање на македонизмот. Нешто што досега не е споменато од страна на македонските власти, но отворено се промовираше од одделни албански кругови во Македонија, кои преку медиумската пропаганда го пропагираат новокомпонираното албанско-бугарско братство и единство.
Покрај ова, Бучковски испрати уште една многу јасна порака, што министерката за образование, Мила Царовска, се обидуваше од петни жили да ја избегне со најавениот концепт за реформи во образованието и промените во учебниците. Сега дефинитивно стана јасно дека промените во учебниците по историја, географија и литература се должат на договорот со Бугарија.
-Ние се што треба да направиме, а клучот е околу заедничката историја, но ние тоа во самиот договор сме и го оставиле на мултидисциплинарната историско-образовна комисија која мислам дека ќе има клучна улога во создавањето на амбиентот. Не да се форсираат решенија преку ноќ, туку да биде продуктивна, да отвора прашања онака како што е утврдена методологијата и во духот на европските вредности не само во обелоденување на усогласените текстови за заедничко чествување на личностите и настаните од заедничката историја, туку пред се, да се имплементираат во учебниците по историја, географија и литература, изјави Бучковски.
Од ова, пак, произлегува дека кај власта конечно преовлада терминот заедничка историја, иако кај претседателот Стево Пендаровски и други одделни структури во одреден временски период беше забележливо избегнувањето на овој и употребата на терминот споделена историја.
Од изјавата на Бучковски може да се види и дека нема да се оди на некоја „анти-шок терапија“, туку на постепено, да речемо, „умирање на рати“. Како поинаку може да се протолкува тоа што историската комисија нема да форсира решенија преку ноќ?!
Конечно, останува нејасно што треба да се подразбере за методологијата и духот на европските вредности! Токму околу методологијата, на пример, претседателот Пендаровски побара помош од германски историчари и експерти, но неговата иницијатива остана без конкретен одговор. Уште повеќе, нејасно е дали под духот на европските вредности треба да се подразбере прифаќање на веќе воспоставената пракса од работата на француско-германската или германско-полската комисија! Зашто, досега ова беше спорно и неприфатливо за бугарската страна.
Comments are closed for this post.