При ширењето говор на омраза, репресија не е доволна, туку треба да работиме на јакнење на свеста на културата, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање околу покренувањето постапки против малолетници за истакнување етнички пароли при прославата на европската титула на ракометниот клуб Вардар. Тој одговораше на прашања на новинарите по настанот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Како што истакнав за институциите и овде постојат мала група луѓе кои од само нивни познати причини дали се од политички или други лични мотиви шират говор на омраза која штети на сите нас. Ако е така ајде сите кои сме далеку побројни и кои се определени сите заедно дека треба да ја живеем и градиме Македонија да бидеме посилни во нашите намери да им покажеме дека заедништвото, слогата, едно општество, во државата е вредноста за која вреди да се живее и да се работи, рече Спасовски.

Тој апелираше на воздржаност и соодветно однесување на публиката и во пресрет на вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Полска по вчерашното приведување на четири полски државјани кои го нарушуваа редот и мирот во Скопје.

МВР е задолжено одржување на редот и мирот. Овој меч е високо ризичен поради воинственоста на навивачите од Полска. Апелирам сите да се однесуваат соодветно на тој спортски настан, рече министерот.

На новинарско прашање за лицата без документи Спасовски потенцира дека за детектираните 800 такви лица се пристапува кон дефенирање на позитивен законски пропис кој ќе овозможи нивно запишување во евиденции и да се стекнат со права и одредени обрвски кон државата.

Спасовски рече дека и понатаму заедно со обвинителството се комуницира со дирекцијата на социјалната интернет мрежа Фејсбук поради водење на дел од истражната постапка поради профилите од каде се објавуваат аудио разговори и дека има потреба од мултидисциплинарен  пристап.