Законот за патни исправи утврдува колкава е важноста на секоја исправа и со одлука на Влада не може да се промени законскиот текст, посочи денеска премиерот Оливер Спасовски, кој рече дека воопшто не е проблем да свика владина седница за пасошите и оти се бараат решенија, но повтори дека во целата ситуација најважен е менаџментот.

-Има две можни решенија за проблемот со недостиг на обрасци за пасошите за граѓаните, истакна тој денеска на заедничката прес-конференција со претседателот на парламентарната група „Renew Europe“, Дачиан Чолош, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе закаже вонредна седница за патните исправи, што го побара министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Имаме две можни решенија – едното е разговор со фирмата, која е добавувач да го направи тоа што е  можно побрзо и на начин на кој ќе придонесе целата оваа работа да се преброди во целиот период, а тоа мора да оди заедно со менаџирање на состојбите внатре. За второто решение, тука воопшто не е проблем свикување седница на Владата, проблемот е што законот за патни исправи утврдува колкава е важноста на секоја исправа и со одлука на Влада не може да се промени законскиот текст. Тука е клучна анализата што Владата ја прави, направени се консултации со клучните партнери, со Фронтекс и во целиот овој процес очекуваме да се најде решение кое ќе помогне, но менаџментот е број еден, нагласи Спасовски