„Ветинг процесот ни е потребен и за да се искорени криминалот и корупцијата во државата, пред се во УБК и МВР“,  рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање за оаа новина која се воведува.  Информираше дека двајца вработени во Министерството биле фатени на улица како употребуваат дрога. Спасовски рече дека вчера ги потпишал решенијата за нивна суспензија. Ова е еден од  примерите кои ги наведе министерот, како аргумент дека е потребно да се спроведе ветинг процес.

„Има силни аргументи за одредени луѓе кои се дел од безбедносниот систем, а кои воопшто не требале да бидат дел. Некои од нив гарант не требале ни да поминат по улицата каде се наоѓа МВР, а дел се исквариле во моменти кога дошле внатре. Колку и да ги поттиснувале таквите страсти, ако се определени и гледаат други арамии во институциите како прават пари, посегнуваат и они тоа да го прават. Еве еден пример од минатата недела, како аргумент зошто мораме ветинг. Поранешен вработен сега пензиониран во УБК заедно со неговиот син фатени беа со трговија на 50 кг наркотична дрога во Охрид, инаку по потекло се од Струга. Двајца актуелни вработени, вработени инаку во време на режимот во 2017 година, фатени како употребуваат дрога на улиците во Скопје, утврдени вештачени, вчера ги потпишав суспензиите, сигурно треба да бидат надвор од МВР. Да не зборувам за други кривични дела, тоа ни дава за право дека мораме да имаме ветинг – рече Спасовски.