Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека често пати говорел за неказнивоста на криминалците и дека е потребна консолидација на судскиот систем. Изјавата на Спасовски доаѓа откако американската амбасадорка Анџела Агелер коментирајќи за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска рече дека системот е тој кој не успеал да и помогне на таа млада девојка.

„Јас тоа многу често го зборувам и пред медиумите. И кога говорев за неказнивоста на сите оние кои ја пљачкаа државата, кои го уништуваа народот во изминатиот период и беа главни во општеството без да носат одговорност, кога зборував за консолидација на судскиот систем. Сето тоа е нешто што мора да си го разбереме и да го прифатиме како состојба што мора да се менува. Така да менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно“,

рече Спасовски денеска одговарајќи на новинарски прашања од Битола.
На прашањето колкава е улогата на полицијата наспроти Обвинителството во однос на неказнивоста, Спасовски рече дека за тоа говорат бројките.

„За тоа може да се извадат конкретни податоци и информации во однос на постапувањето и на двете институции. Јас ве уверувам во однос на постапувањето на Министерството за внатрешни работи и тоа може да се покаже со бројки. Во однос на секоја пријава, делување, постапување и собирање на сите информации, податоци и поднесувањето на кривичните пријави“,

рече Спасовски додавајќи дека за другите институции ќе треба да се направи анализа од самите нив.
Според него за граѓаните е важно криминалците од првиот момент кога ќе бидат приведени кон лицето на правдата да има една траекторија во којашто ќе гледаат и ќе знаат дека дошло до извршување на санкцијата или дошло до одземање на имотот којшто е стекнат на криминален начин.

„Само тогаш ќе бидеме сите ние сигурни, ако имаме навистина брза правда“,

додаде Спасовски.
За изјавата на амбасадорката Агелер дека институциите треба да се подзамислат за тоа како дозволија да се случи убиство на дете и дали МВР се препознава во таа нејзина изјава, Спасовски го повтори ставот дека целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, на судењата и во однос на извршувањето на санкциите.

„Да не ни се случува кога ќе ги приведува Министерството за внатрешни работи и за кратко време ќе ги видиме дома или без одредување на соодветни мерки, без извршување на санкциите. Тоа се конкретни работи коишто ќе ги напоменам. Постојат низа други. Се сеќавате на обидот којшто беше и нападот на началникот на полицијата во Струга. Тоа е сепак заради тоа што се водеа истраги против одредено лице кое беше оставено на слобода“,

додаде Спасовски.
Спасовски вели дека во земјата мора да јакне јавната свест, да се препознава насилството, тоа да биде пријавено и мора, како што вели, сите заедно да се бориме кон тоа да не оставаме на поединци во системот, кои заради корупција или други активности, може да го нарушуваат истиот.

„Длабоко сум уверен дека најголемиот процент од граѓаните се тие кои мора да ја издвојуваат победата наспроти тој мал грст на криминалци и бандити“,

додаде тој.
Амбасадорката Агелер, во интервју во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, одговарајќи на прашање за коментар за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, рече дека системот не успеал да ѝ помогне на таа млада девојка. Таа рече и дека е време институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат што можеле да сторат за да ја спасат оваа млада девојка и сите други деца во земјава.

Агелер ги повика институциите да се запрашаат и зошто дозволиле криминалци слободно да се движат.