МВР во секој момент презема активности по наредба на Јавното обвинителство, без разлика за кого станува збор, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со приведувањето на генералниот секретар во Владата Мухамед Зеќири, осомничен за злоупотреба во тендерска постапка заедно со двајца хрватски државјани.
– Овој случај го работеше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Се работеше повеќе време, сѐ додека се прибават доказите, секако по проценка на ЈО кога сметале дека имале доволно докази односно аргументи за да се покрене овој сомнеж, тоа се реализираше, рече Спасовски во гостување на ТВ Телма.
Истакна дека високата корупција е најголемиот проблем во земјава, но таа е, рече, еден сегмент од корупцијата.
-За секое општество е поразително кога луѓе што се на јавни функции и кои треба да им служат на граѓаните учествуваат или се осомничени за коруптивни дејствија, рече Спасовски.
Според министерот, максимално се зголемени напорите во спречување на корупцијата и криминалот од сите органи на спроведување на законот – Јавното обвинителство, МВР, Финансовата полиција.
Соопшти дека во 2021 година ефикасноста односно откривачката функција на државата против корупцијата била зголемена за речиси 50 проценти.
-Во 2020 година имаме 177 откриени кривични дела во делот на корупцијата, во 2021 имаме 114 кривични дела. Материјалната штета е околу 97,3 милиони денари во 2021 година. Ова говори дека многу треба да се работи мултиресорски и на јакнењето на јавната свест, во делот на пријавување на корупцијата која не смее да стане начин на живот, рече министерот за внатрешни работи.
Comments are closed for this post.