Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку видео порака се обрати до сите припадници на МВР по повод Денот на македонската полиција.

„Изминативе две години како министер во Владата на Република Северна Македонија се залагав за решавање на сите наталожени проблеми со кои вие се соочувавте во годините претходно. Заедно со вас успеавме дел од нив веќе и да ги надминеме и со тоа отвараме нови можности за постигнување уште поголеми резултати во периодот кој следи“, вели Спасовски во видео пораката.

Тој посочува дека е горд што и покрај сите негативни случувања во минатото, во ова Министерство работат професионалци кои, како што вели, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и секојдневните потреби на граѓаните.

Најави дека во следниот период ќе работи на системско решавање на функционалните проблеми и на зајакнување на институционалниот и административниот капацитет на Министерството.

„И во иднина, мој и на сите нас приоритет останува да ни биде заштитата на безбедноста и сигурноста на нашата држава и нашите граѓаните. Да продолжиме по чесниот пат, зошто тој е вистинскиот. Ви го честитам Денот на македонската полиција, вие сте столбот на мирно и демократско општество“, вели министерот за внатрешни работи во видео обраќањето.