„Криминалот не познава политички партии, националности, верска припадност и слично. Едноставно имате луѓе кои се чесни, одговорни, но и луѓе кои ги прекршуваат нормите на државата. Ние мора да отвориме една беспоштедна борба против криминалот и корупцијата.“
Ова денеска во Кавадарци го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговорарајќи на новинарско прашање околу последните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека „власта ги апси нивните видни членови од раководството, за да ги покрие своите лоши политики“.
Наша обврска и задача, рече, е да се бориме против криминалот и корупцијата.
„Имаме низа случаи што значат справување со криминал и во рамките на институциите на системот на сегашни функционери“, нагласи министерот, притоа споменувајќи неколку случаи.
Во врска со објавите за наводен рекет од страна на лицата под псевдоними Кики и Коки, министерот Спасовски вели:
„Сакам да ве уверам и вас и јавноста дека се што ќе биде побарано од Министерството од страна на Обвинителството кое вчера информираше дека е отворен случај, ние ќе бидеме тука за да можеме да ги обезбедиме сите материјални докази и да се расчистат сите овие случаи. Тоа е добро, да имаме отварање на каков било случај, не само од новинари и институции, туку и од граѓани. Се со цел, сите заедно да се вклучиме масовно во борбата против криминалот и корупцијата, како едни од најголемите болести на општеството“, рече министерот.
Comments are closed for this post.