На седница на Собранието на Република Македонија, закажана за попладне во 15:30 часот, ќе се расправа за  барањето за одобрување притвор на пратеникот Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд.

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во саботата со пет гласа „за“ и четири „против“  го прифати барањето на судот за притвор на Димовски и му предложи на Собранието да го одобри.

Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

На Цветков и на Делев им е одреден триесетдневен притвор, а на Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му беше определена мерка „куќен притвор“.