Со 62 гласа „за“ Собранието на Република Македонија вечерва, без расправа, на пленарна седница ја прифати препораката на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за одземање на имунитетот на Никола Груевски, на барање на судот поради одредување мерка притвор за предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство.
На седницата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Груевски. Тие не присуствува и на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од судот за одземање на имунитетот на Груевски, кој избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија.
На седницата на Комисијата, претседателот Павле Богоевски изрази разочарување што, како што кажа, нашиот систем не го обезбеди Груевски за издржување на двегодишната казна за случајот „Тенк“. Побара одговорност и завршување на истрагата за бегството на Груевски.
И Комисијата и Собранието денеска постапуваат во една многу контрадикторна ситуација. Пред нас е поставена задача ние да одлучуваме за имунитетот на пратеник кој веќе е осудено лице кое е во бегство и кое е недостапно за органите на прогонот. Поради тоа, лично како пратеник, но и како човек морам да изразам разочарување што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на осуденото лице Никола Груевски за издржување на неговата казна затвор. Врз основа на тоа сакам да го потенцирам дека мора да се доврши и темелно да се спроведе истрагата за утврдување на одговорноста за тоа точно кој дел од системот потфрлил при обезбедувањето на присуството на Никола Груевски за издржување на неговата казна затвор. Исто така морам да посочам дека ова искуство мора да послужи за лекција за да ги идентификуваме многу брзо, да ги корегираме системските недостатоци кои доведоа до оваа ситуација и оваа контрадикторност, рече Богоевски.
Comments are closed for this post.