По дводневна расправа, Собранието на Македонија денеска го прифати предлогот за избор на министри и заменици министри во Владата.
Премиерот Зоран Заев пред пратениците имаше свое експозе со кое ги образложи предлозите за избор на членови на Владата, за испразнетите позиции за министри или заменици министри во одделни ресори.
За нови членови на Владата ги предложи, а Собранието ги прифати Нина Ангеловска, за министерка која ќе раководи со Министерството за финансии и Хисен Џемаили, за министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.
Во образложението за предлогот Нина Ангеловска, да биде министерка за финансии, премиерот Заев истакна дека Ангеловска со своите 31 година, е пример дека секој, сите млади луѓе во земјата имаат шанса да се стекнат со ваква позиција, но и со одговорност.
Веднаш по дипломирањето стекнатото звање го применува во пракса и професионалната кариера ја започнува со основање на првиот веб сајт за групни попусти во Македонија – Групер.мк, со што го предизвикува раздвижувањето на пазарот на е-трговија во земјата. Доживува огромен успех, станува лидер на пазарот и се здобива со бројни награди и признанија“, рече премиерот Заев, и додаде дека нејзиниот потенцијал и напорна работа се меѓународно препознаени.
Во своето образложение Хисен Џемаили, да биде министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, премиерот Заев рече дека Џемаили доаѓа од Катедрата по географија на Државниот универзитет во Тетово.
Премиерот Заев истакна дека неговите академски специјалности се економските аспекти на одржливиот развој, што воедно е и тема на неговиот докторат во тек, како и животната средина и локалниот економски развој, и дека во неговата политичка кариера остварил значаен придонес како пратеник во Собранието и како советник во локалната самоуправа во општина Тетово.
Убеден сум дека двајцата кандидати ќе дадат сериозен придонес, особено зашто се работи за експерти во економијата која го доби врвниот приоритет на Владата за оваа година“, потенцираше премиерот Заев во своето образложение за избор на министри во Владата, што вчера и денеска се спроведе во Собранието на Македонија.
На собраниска седница беше прифатен и предлогот за заменици министри да бидат избрани Кирил Колемишевски, за заменик министер во Министерството за економија; Елизабета Наумовска, за заменик во Министерството за образование и наука; и Неџат Мехмедовиќ, за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Comments are closed for this post.