Со членството на Македонија во НАТО, Алијансата ќе добие уште еден партнер во мисијата за одржување на рамнотежата и мирот во светот, изјави адмирал Џејмс Фого, командантот на Јужното крило на здружените сили на НАТО, на средбата со премиерот Зоран Заев.
Фого ја истакна и улогата што ја има Македонија во регионот во еден, како што нагласи, чувствителен период, особено со позитивниот пример за решавање на меѓусоседски прашања како што беше прашањето за името со Република Грција.
Како што соопшти владината прес-служба, адмирал Фого, ја поздравил и одлуката на Владата и на Министерството за одбрана полигонот Криволак да биде ставен на користење за потребите на НАТО и ги нагласил цивилните и економските придобивки што земјите членки и сојузници на Алијансата ги стекнуваат од меѓусебната соработка.
Премиерот Заев оцени дека посетата на делегацијата на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од командантот Фого е уште едно значајно признание и охрабрување за Македонија во исклучително значаен период, кога процесот за уставните измени влегува во завршница и кога успешниот епилог на процесот ќе ја активира постапката за потпишување на Протоколот за пристапување на Република Македонија во членство во Алијансата.
За време на средбата Заев ги информираше адмиралот Фого и членовите на делегацијата на НАТО за актуелните реформски процеси во земјата како неопходни за прилагодување кон стандардите на ЕУ и особено на НАТО, особено во изминатата година. Истакна дека граѓаните на нашата земја како знак на поддршка ги прифатија двете посети на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и посетата на командантот на Врховната команда на НАТО и командант на американските сили во Европа, генералот Куртис Скапароти, како посети на највисоките политички и воени претставници на НАТО.
Тоа за нас е мотивација да продолжиме со целосна посветеност на нашите реформи, како и на нашето учество во мисиите на НАТО, кои, истовремено се драгоцено искуство за нашата земја и за нашата армија уште во оваа фаза до полноправното членство во сојузот – изјави премиерот Заев.
Адмиралот Фого, од свое и од име на НАТО, изрази силна поддршка за постигнатото и оддаде искрено признание за капацитетите и за мотивацијата на припадниците на АРМ во мисиите на НАТО. Изрази уверување дека припадниците на македонската армија, учесници во овие мисии, ќе се вратат побогати со искуство кое потоа ќе можат да им го пренесат и на своите колеги во армијата.
Comments are closed for this post.