Слушнал, недослушнал, не знаел, не бил правник…На денешното рочиште за „Монструм“, Зоран Заев во улога на сведок рече дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите“ што ги поседуваа тогаш тој и СДСМ. На една од средбите, дел од родителите изразиле сомневање дека правосудниот систем крие од нив информации и докази. Тој им презентирал аудиоматеријали кои ги побарале, без да им даде копија.
На една од средбите родителите изразија сомневање дека институциите на системот кријат од нив информации. Се работеше за околу 5 комуникации на тогаш осудени лица, каде едниот од соговорниците беше сокриен од страна на судот или обвинителството, заради службена тајна. Јас ги извадив истите комуникации и им ги презентирав на родителите да ги видат во мое присуство, без да им дадам копија. Не знаев дали се нелегални разговори, или комуникација од посебни истражни мерки. За вторите, бев советуван дека постои можност кривично да се одговара ако јавно се објават ПИ-мерки кои се службена тајна, одговори Заев.
Фетаи го праша Заев дали освен тоа дека ќе ги предаде сите разговори во СЈО, на родителите им ветил и нешто друго.
Заев кажа дека во 2015 година кога на дневна основа ги преслушувал разговорите, можно е да ветил дека ќе ги објави јавно сите прислушувани разговори за „Монструм“. Како економист, а не правник, не можел сам да состави целовитост за тоа што всушност се случило кај Смиљковско езеро, па затоа одлучил сѐ што има како материјал во бомбите, да му предаде на СЈО.
Заев, претходно кажа дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претсетел на партијата, биле предадени во СЈО. Кажа дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Comments are closed for this post.