Градот Скопје, официјално добива улица именувана по Торвалд Столтенберг, таткото на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Како што соопштија од кабинетот на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, тоа ќе биде пешачката улицата во Градскиот парк што се наоѓа меѓу јужната трибина на стадионот и езерцата во паркот. Ваквата одлука, градските власти ја донесоа на седницата на Советот одржана на 18 јули годинава, само четири дена по смртта на 87-годишниот Норвежанец, којшто на 26 јули 2008 беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје.

Причина за таквата одлука на градските власти е оддавање почит кон еминентниот норвешки дипломат, кој имал голема улога во напорите за обновување на Скопје по катастрофалниот земјотрес што го погоди градот на 26 јули 1963 година. Во тој период, Столтенберг бил секретар во Норвешката амбасада во Белград, но веднаш по земјотресот допатувал во Скопје, по што трогнат од степенот на разурнување во градот инсистирал на итна и обемна помош од својата земја и од норвешкиот Црвен крст.

По неговата иницијатива веќе наредниот ден по земјотресот, норвешкиот Црвен крст испратил во Скопје две илјади и триста волнени ќебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв, како и пет илјади пакети за прва помош. Како дел од неговото залагање и помошта од норвешката и данската влада, како и од норвешкиот Црвен крст, во Скопје била изградена Детската болница за белодробни заболувања во Козле. Торвалд Столтенберг ги координирал работите поврзани со изградбата на оваа болница сè до нејзиното отворање во 1965 година.

Освен на средбата со Шилегов, на којашто ќе биде официјализирано именувањето улица по неговиот татко, за време на посетата на Македонија, во агендата на Јенс Столтенберг има и повеќе средби со претставници од државниот врв.

Столтенберг во посета на Стајковци

За време на престојот во Македонија, генералниот секретар на НАТО ќе оствари и посета на скопското село Стајковци, каде што градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, ќе му додели благодарница за помошта што Алијансата ја даде на настраданите во поплавите на 6 август 2016 година. По поплавите што ги зафатија селата Стајковци и Црешево во кои загинаа 23 луѓе, војници и опрема на НАТО беа ангажирани во санирање на штетите и надминување на последиците. Според градоначалникот Георгиевски, благодарницата ќе биде доделена од името на сите жители на Стајковци и Црешево.