Силна поддршка за пристапувањето на  Македонија во Европската Унија во контекст на зголемување на регионалната стабилност, но и стабилноста на Европа воопшто, како и разочарување поради бугарската блокада за почеток на преговорите со земјава, која ја засегна и Албанија беше изразена изминатите два дена од високи претставници на САД, на Европската Унија, регионални лидери.

Изминатите два дена во Охрид се одржа Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог, во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Владата, на која учество земаа околу 300 високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор.

Сите едногласни дека регионот на Западен Балкан е природен дел од Европа, блокирањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија е неправедно, но и непрактично од геостратешка гледна точка. Пристигнаа пораки и дека билатералните спорови кои задиираат во историјата се непродуктивни, бесмислени, нешто што е надвор од контекст на европските вредности, но и дека со јунската одлука на Унијата се поткопува нејзиниот кредибилитет.

На Конференцијата присустуваа високи претставници на САД, помошник-државниот секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер и американскиот заменик-помошник државен секретар, кој е специјален претставник за Балканот, Метју Палмер.

Двајцата со силна поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и забелешка дека со блокадата за почеток на преговори со земјава и Албанија, геополитичките конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на заедничката колективна определба.

Рикер на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по завршувањето на Конференцијата порача дека пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе ја зголеми не само регионалната, туку и стабилноста на Европа.

-САД ги поддржуваат земјите-членки на ЕУ да ја одржат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања, Истакна Рикер.

Последните одлуки што ги блокираа евроинтегративните процеси на земјава, според Рикер, го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот и во меѓународни рамки и се испраќа погрешен сигнал дека ЕУ го напушта регионот.

– Не верувам дека тоа е така и затоа порачуваме дека е потребно неодложно отпочнување на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, истакна Рикер.

Палмер, пак во текот на панелите на Конференцијата, нагласи дека блокадата влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

– Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба, истакна Палмер.

Тој ја подлече важноста на историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на Северна Македонија во корист на нејзините граѓаните.

Од македонска страна на форумот е испратена порака дека отворањето на пристапните преговори за членство во Европската Унија останува највисок стратешки приоритет и дека земјата нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европските вредности и стандарди.

– Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои не може да се преговара. Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен, истакна премиерот Заев.

На заедничката прес-конференција со Рикер, Заев уште еднаш повтори дека македонскиот јазик и идентитет се надвор од преговорите со Бугарија.

– Тоа им е јасно и на помалку упатените во проблематиката, на сите земји-членки на Европската Унија, на целиот регион и на целиот демократски свет, предводен од САД, рече Заев.

Од друга страна, вчера опозицијата најави дека ќе поднесе резолуција во Собранието во која се дефинирани и заштитени македонските позиции во преговорите со Бугарија.

-Ако СДСМ вели дека македонскиот идентитет е заштитен, тогаш треба да го прифати овој текст. Највисоките научни институции во Македонија го имаат дадено овој текст како своја рефлексија на спорот со Бугарија. Да го поддржиме заеднички во Парламентот зашто овој документ треба да биде натпартиски, да добие општествена поддршка. Истиот овој документ е производ на МАНУ и најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а е поддржан од МПЦ-ОА Јустинијана Прима. Доколку власта не ја поддржи оваа резолуција или не нападне затоа што ги оцртуваме јасно контурите позади кои треба да добиеме општествена поддршка, а тие контури не ги оцртало ВМРО-ДПМНЕ, туку највисоките научни институции во државата како МАНУ и УКИМ, тогаш Зоран Заев и СДСМ ќе потврдат дека преговараат за македонскиот идентитет, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од власта порачаа дека немаат дилеми да разговараат за се со опозицијата.

-Ние секој пат сме биле инклузивни, транспарентни во процесот и така ќе продолжиме. Немаме дилеми да разговараме за се со опозицијата и сакаме да видиме каков било документ или слично, но пред се и над се ќе ги заштитиме државните интереси од сите можни аспекти, од аспект на тоа што и до сега го правиме, заштитувајќи го нашиот дигнитет, нашиот идентитет, нашиот македонски јазик и нашата посебност како македонски народ, но исто така заштитувајќи ги државните позиции заради целта – постигање на решение во кое нема ништо да му фали, ниту ќе биде ставен во какви било разговори или преговори, она што ни е наша светост, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изјави вчера премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање од МИА.

Од Европа, како што рече, очекуваме да ги заштити идентитетите на сите, вклучително и нашиот.

-Впрочем и Република Бугарија вели дека ја прифаќа реалноста за македонскиот јазик и македонскиот народ, разговаравме за патоказот, согласно кој ги дефиниравме области, ги задолжуваме институциите и ги одредуваме роковите за зголемувањето на ефикасноста на соработката меѓу двете земји. Како на пример интензитетот на историско образовната комисија, колку често да се среќаваат, да ги охрабриме да изнаоѓаат решенија, кои што ќе не прават пријатели, не решенија коишто ќе не делат, рече Заев.

Нагласи дека сето она што се однесува за јазикот е формулацијата, која веќе ја кажал, а тоа е дека станува збор за слични, но различни и меѓународни признати јазици.

Државите членки на ЕУ да ги исполнат своите ветувања, Западен Балкан останува фокусиран на евроинтеграцијата и регионалната соработка 

Учесниците на Преспа форумот за дијалог кои два дена дебатираа во Охрид порачаа дека Западен Балкан е дел од Европа и дека билатералните прашања не треба да бидат на преговарачката маса. ЕУ треба да ги исполни своите ветувања.

Особено регионалните лидери го посочија значењето од интегрирањето на регионот во Унијата, потенцирајќи дека за земјите во него тоа е единствениот природен пат.

Борут Пахот, претседателот на Словенија, актуелниот претседавач на ЕУ, порача дека проширувањето на Унијата кон Западен Балкан е предуслов за стабилна, просперитетна иднина на Европа.

Нагласи дека одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно и оти е политички и морално погрешно.

Тој најави дека како претседател на Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ, но и во име на Владата во Љубљана, ќе направи се за деблокирање на процесите на интегрирање на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Активностите во таа насока ќе почнат веќе наредната седмица, кога заедно со премиерот и шефот на словенечката дипломатија ќе отпатуваат за Софија, во обид да се деблокира евроинтегративниот процес и С.Макеоднија и Албанија да отпочнат преговори за членство.

Пахор во обраќањето пред учесниците на Конференцијата истакна дека проширувањето на ЕУ со земјите со Западен Балкан е геополитичко прашање од највисок приоритет. Тој укажа на потребата самите земји од регионот да ги забрзаат реформските активности, но повтори дека самото проширување е сепак прашање од витален интерес на самата Унија.

Албанскиот премиер Еди Рама, чија земја е директно засегната од јунската одлука на ЕУ, истакна дека земјите од регионот ќе продолжат да спроведуваат реформи, да исполнуваат критериуми, да прават се што се бара од нив, но, како што рече, почетокот на преговорите и членството во Европската Унија не зависат од нас.

Рама напомена дека европскиот пат е единствениот пат, но сепак одлуките се носат на ниво на Унијата со консензус, а она што во овој момент му преостанува на регионот е да работи на јакнење на меѓусебната соработка.

– Музиката, која постојано ја слушаме од Европа е дека треба да продолжиме, но не станува збор за тоа дека Албанија и Северна Македонија и другите земји во регионот треба да се спакуваат, да се стават на брод и да се испратат во Европа, станува збор за градење на нашите земји да функционираат како секоја друга земја-членка на Унијата. А потоа дали ќе бидеме дел од ЕУ не зависи од нас, тоа не е во наши раце, не сме ние тие кои одлучуваме за тоа, истакна Рама.

Нагласи дека во овој момент ние како регион може да направиме многу нешта, имаме можност да ја зајакнеме меѓусебната соработка, заедно да притискаме за нештата во регионот да станат подобри, да работиме на подобрување на нашите стопанства, создавање поголем простор на нашите претприемачи, за младите луѓе.

– Затоа што сами и свртени со грб сме мали, но заедно сме во разумна мера доволно големи, порача Рама.

Неговата српска колешка, Ана Брнабиќ, изјави дека тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан.

-Билатералното прашање на интерпретација на потеклото на некој јазик или историја не е прашање кое треба да се однесува на ЕУ, рече таа, нагласуваќи дека земјите од регионот треба да продолжат со активностите поврзани со европската интеграција, но потребно е повеќе да се концентираат и на регионалната соработка, на работите што треба да ги направат заедно за да го зголемат квалитетот на животот на сите граѓани.

Таа нагласи дека во однос на европската инеграција, што и да направиме, на крајот одлуката останува на секоја земја-членка.

– Тоа е сложен процес и станува се покомплициран, како што видовме со примерот на Северна Македонија. Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои навистина не може да извршите никакво влијание, порача српската премиерка.

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, од своја страна пред говорниците посочи дека најасната политика на ЕУ кон Западниот Балкан води кон пад на евроентузијазмот, што пак остава простор за пенетрација на трети страни и појава на лоши политики во регионот.

 

Ѓукановиќ истакна дека за да се избегнат негативни појави неопходно е засилено присуство на Европа на Западниот Балкан, со реално согледување на геополитичката важност на регионот. Тој истакна дека охрабрувачки се пораките што доаѓаат од Вашингтон по промената на власта за обнова на евроатлантизмот, како и позитивните рефлексии од поважните центри во Европа.

Европските преставници со разочарување поради непочетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но и со порака дека на тоа се гледа како на неуспех на Европа.

Порака од една од навлијателните членки на Унијата, Германија пристигна од државниот министер за Европа Михаел Рот, кој истакна дека билатералните прашања, како актуелното со Северна Македонија и Бугарија не треба да бидат препрека за интегративниот процес.

– Искрено жалам што на Советот на ЕУ не се донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија заради ставот на една држава, рече Рот.

Еврокомесараот Јоханес Хас рече дека непочнувањето преговори на Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Европската унија е јасен неуспех на Унијата.