Силната хрватска поддршка за европските перспективи на Македонија, откако во Хрватска беше ратиуфикуван протоколот за наше членство во НАТО, била главната тема на разговорите на премиерот Зоран Заев со делегација од Хрватскиот сабор, претседателот на Комитетот за европски работи, предводена од пратеникот Домагој Милошевиќ. На средбата присуствувала и хрватската амбасадорка во земјава, Данијела Баришиќ.
На средбата било изразено очекување дека Брисел и цела Европа ќе го препознаат примерот на Македонија која покажала дека во политиката се можни решенија низ дијалог и за најчувствителните билатерални прашања, што придонесува за стабилноста и безбедноста на регионот, како и на самата Европска унија.
Од своја страна, Заев им се заблагодарил на хрватските пратеници за огромната пријателска поддршка од Хрватска за Македонија.
Премиерот ги споделил позитивните реакции од средбите со претставниците на Европската комисија во Брисел. Тој истакнал дека Европа на нашата држава гледа како на светол пример, со решени билатерални прашања со соседите и поради успешно донесени реформи низ дијалог со опозицијата, коишто успешно и се спроведуваат.
Заев изразил и надеж дека ќе се остварат очекувањата и најавите на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ ова лето, во јуни или јули, пред годишните одмори.
Премиерот Заев и претставниците на Хрватскиот сабор на средбата разговарале и за унапредувањето на соработката помеѓу двете држави, како на пример во областа на економијата и туризмот, како и за важноста од унапредувања на правата на малцинствата на државите, во двете земји, коишто се меѓу мостовите на поврзување на Македонија и на Хрватска.
Comments are closed for this post.