Повеќето од овде присутните директно допрени од оваа трагедија со право велат дека не се сигурни дали треба да говорат за бегалци или за прогонети, посочи кандидатот за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова на средбата со членови на Сојузот на Македонците од Егејот – Македон.

За жал, оваа држава не собра сила, не најде начин погласно да прозбори за Егејската одисеја, за Македонците од Егејскиот дел, кои денеска се распослани низ светот и повторно загрижени. Не знам дали било потешко тогаш или им е потешко сега, ама одговорноста е наша, на сите нас, токму во светлината на промената на името, рече Силјановска Давкова, кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На новинарско прашање што ќе преземе таа како претседателски кандидат околу оваа прашање, Давкова изјави дека таа како личност што предава уставно право оваа прашање ќе го гледа низ светлината на европските документи.

Јас, што можам. Прво да ги сослушам, да ги разберам и претходно сум се обидувала да ги разберам. Се разбира, јас како некој кој предава уставно право можам прашањето да го гледам низ светлината на европските документи за правата на малцинствата, тоа е рамковната Конвенција за заштита на правата на малцинствата и Конвенцијата за регионални малцински јазици. Грција ја има потпишано првата конвенција, но ја нема ратификувано. Грчки професори препорачуваат да ја потпише и втората конвенција, но и двете конвенции га се ратификуваат. Јасно обзнануваат дека во Грција имало и има малцинства, но се чини дека проблемот не е грчки, туку е и македонски. Ако ние велиме дека прашањето на малцинствата е внатрешно прашање на една држава и дека секое споменување на Македонците во Егејска Македонија значи мешање во внатрешните работи, ние имаме сериозен етички проблем, рече Сиљановска Давкова.

Нејзиното претставување денеска  продолжува и со митинзи во Општина Ѓорче Петров и во Куманово.