Проширувањето и датумот за преговори со Македонија и Албанија е една од темите за разговор на министрите за надворешни работи на ЕУ во Хелсинки. 

Пред почетокот на состанокот, унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто, ја повтори пораката на неговата влада дека проширувањето кон Западниот Балкан е од огромна важност за неговата земја, но остро го критикуваше лицемерието на западните земји.

Ние сме за брзо проширување на ЕУ, и забрзување на процедурата за пристапување и отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, но моето искуство покажува дека западните колеги само зборуваат за проширувањето, а носат одлуки против, тоа е лицемерие – изјави Сијарто.

Унгарскиот министер додаде дека за Унгарија како соседна земја на Западниот Балкан проширувањето кон овој регион е многу важно.

Многу жалам што многу западни партнери се лицемерни и одлагањето минатиот пат беше спротивно на интересите на Европската Унија, рече Сијарто алудирајќи на јунската одлука на Советот за општи работи на ЕУ да се одложи датумот за преговори со Македонија и Албанија.

Македонија доби поддршка и од луксембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Аселборн. Тој порача дека ЕУ си задала цел да донесе одлука за отворање преговори со овие земји во октомври.

Се надевам дека ќе имаме добро решение во октомври. Македонците многу работеа на ова. Исто и Албанците. На нас е да го направиме тоа што треба. Историјата покажува дека секогаш се отвораат прозорци, но кога ќе се затворат е лошо – изјави Аселборн пред состанокот.