Што точно разговарал македонскиот премиер Зоран Заев со советникот за надворешна политика на германската канцеларка, др. Јан Хекер, веројатно нема да дознаеме. За некои детали од тој разговор дознаваме само од Заев, кој за тоа зборуваше на прес-конференција во Скопје. Берлин молчи, а така и ќе остане.
Пресинг ТВ испрати неколку прашања и до кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, со барање да ни кажат повеќе детали од телефонскиот разговор меѓу Заев и Хекер. Знаејќи дека тие разговори се од доверлив карактер, а официјален Берлин не соопшти ништо, освен честитката за ратификацијата на Преспанскиот договор, ги замоливме да ни кажат каква-таква информација поврзана со делот од разговорот за можноста од германски инвестиции во Македонија кои ги најави Заев.
„Утрово имав разговор со г-динот Јан Хекер, советник во Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, кој ги пренесе честитките и слично и веднаш лобиравме за една огромна инвестиција којашто овде во регионот бара локација, Македонија, Србија, Бугарија. Се надевам ќе ги привлечеме овде. Канцеларката Меркел сака да помогне и на економски план да почувствуваат граѓаните“, рече тогаш Заев.
Портпаролот на владиниот кабинет на Меркел ексклузивно за Пресинг ТВ на нашите прашања одговори:
„Според принципите, ние не даваме никакви информации од каква била доверлива конверзација на др. Хекер“.
Ова значи дека кабинетот на Меркел нема да дава никакви информации за содржината на разговорот меѓу Заев и Хекер. Зошто Заев јавно изнесе негови детали за тој разговор не е јасно, односно не е јасно дали било договорено тој нешто јавно да каже, а Берлин да молчи.
Пресинг ТВ од кабинетот на Меркел, бараше и објаснување дали во принцип владини луѓе лобираат во интерес на некоја странска држава, во конкретниот случај Македонија, кај германски компании, но на ова прашање не добивме одговор.
Станува збор за најавата на Заев за одлуката на една германска компанија да инвестира во Македонја, а потоа одредени медиуми лиферуваа информација дека таа моќна компанија е „Фолксваген“, а инвестицијата ќе биде околу 150 милиони евра.
Пресинг ТВ се обрати до седиштетот на „Фолксваген“ во Германија, а од таму ни беше одговорено:
„Ви благодариме на вашиот интерес по прашањето за изборот на локацијата на новата мулти бренд фабрика на Групата ВФ. За локацијата не е донесена формална одлука. Ќе издадеме соопштение за јавноста кога одлуката ќе биде донесена“, ни одговори Лесли Ботхге, портпарол на ВФ за продажба и производство.
Comments are closed for this post.