Не коментирам шпекулации.

Со оваа кратка СМС порака, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, уште повеќе го предизвика љубопитството во јавноста за тоа што се случува на релациите меѓу официјално Скопје и официјална Софија, по неговите разговори со бугарскиот премиер и министерка за надворешни работи, Бојко Борисов и Екатерина Захариева.

А, клопчето почна да го отмотува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неговото синоќешно гостување во „Само интервју“.

-Еве ќе ви дадам уште една екслузивна информација, да го прашаме министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точни дека барањето од страна на неговата колешка било практично да се потпише нов договор, кој ќе биде сличен на Преспанскиот, со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве, да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

Старо-новиот премиер Зоран Заев на 11 октомври, пак, за првпат отворено навести дека е можно одлагање на почетокот на преговорите со ЕУ и тоа токму поради ставовите на Захариева.

-Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане, треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција, која ја очекуваме во декември. Но, јас верува дека тоа не е став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.

Заев, за жал, не ја информираше јавноста што е суштината на најновите барања на Захариева, па тие останаа да лебдат проследени со неизвесност. Неговите очекувања дека неговиот, како што вели, брат и пријател Бојко Борисов ќе има поинакви размислувања од Захариева оставаат малку простор за надеж, зашто би било илузорно министерката да има различни ставови од премиерот.

А, дека нешто се подготвува во правец на некаква декларација, што би била некаков додаток кон Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, можеше да се насети уште од извештаите, што доаѓаа на денот на престојот на Османи во Софија.

Така, известувачот на 360 степени меѓу другото го праша Османи дека „впечатокот по денешната прес-конференција е дека има барање за повторна реафирмација на одредени елементи од Договорот за добрососедство преку една форма на заедничка декларација, потпишување на заедничка декларација од страна на двајцата премиери“?

-Ние тука разговаравме дека постои политичка волја од двете страни да продолжат да го негуваат пријателството, кое се засновува и на договорот за добрососедски односи и се договоривме да ја интензивираме комуникацијата во наредните денови. Но, јас не можам да предвидам која форма ќе придобие таа комуникација и кој ќе биде исходот, меѓутоа важно е сега да комуницираме на сите нивоа, одговори меѓу останатото Османи.

Оттука и прашањето-што кријат и што подготвуваат Зоран Заев и Бујар Османи во односите со официјална Софија?! Зашто, очигледно не е во прашање само формата на комуникација, туку нејзината суштинска содржина, која, според премиерот Заев, може да доведе до одлагање на меѓувладината конференција за почеток на преговорите за членство во ЕУ.