Еден детал од вчерашниот почеток на процесот против „организаторите“ за настаните во Собранието од 27 април 2017 година како да остана незабележан од страна на медиумите.
Еден од адвокатите на обвинетите во поднесок до судот побара од Агенцијата за национална безбедност да се обезбеди документацијата од операцијата „Платформа“, што ја водела поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање!?
До сега во јавноста никогаш не било од кого-било споменато дека воопшто постоела некаква операција, што се водела под кодното име „Платформа“. Оттука и изненадувањето, што таа за првпат се споменува и тоа директно во судницата на Кривичниот суд.
Што, всушност, претставувала операцијата „Платформа“, од кога датира таа, кој ја организирал и спроведувал, дали зад неа стои тогашното раководство на тогашната УБК или некои оттргнати нејзини делови, кои не биле под негова контрола, каква била целта на операцијата… Очигледно, постојат многу прашања на кои ќе треба да се добијат одговори.
Но, за почеток основно е дали Агенцијата за национална безбедност ќе го дозволи овој доказ или ќе најде милион изговори тој да не стигне до „бела виделина“, па макар и на затворено за јавноста судско рочиште. Факт е дека меѓу „организаторите” се наоѓа и поранешниот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски, а исто така е и факт дека во контекст на настаните од 27 април 2017 година низ медиумите беа споменувани не само домашните, туку и странски тајни служби.
Comments are closed for this post.