Се враќа во игра планот за изградба на трамвај во Скопје, со што би се олеснил проблемот со сообраќајниот метеж. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека првата траса ќе се протега од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и ќе чини 15 милиони евра.
Шилегов очекува догодина да стартува реализацијата на овој проект, кој финансиски, освен европски фондови, ќе го помогне и Владата, пишува СДК.
„Уште при мојата посета на Загреб, во јануари, со градоначалникот Милан Бандиќ разговаравме околу можноста во Скопје да се изгради трамвај. Изминатиов период ги собрав искуствата од Загреб, Виена и Париз, со цел да ги видиме можности за воведување на шински јавен транспорт во Скопје, имајќи предвид дека станува збор за сериозно комплексна работа. Во Град Скопје постои студија која што дава определени показатели од времето кога градоначалник беше Трифун Костовски, но не претставува основ на кој може да вршите изведба. Затоа имајќи ги предвид добрите односи со Загреб, нивните технички и сообраќајни служби заедно со претставници од Загрепски електричен трамвај (ЗЕТ) неколку пати го посетија Скопје, извршија проверка на постојната студија и на трасата каде би се движел трамвајот. Станува збор за првата фаза од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо. Врз основа на тие податоци изготвена е целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на трамвајот што како документ претставува доволен квалитет за да може да почнеме со изведбата“, вели Шилегов.
Comments are closed for this post.