„Дрисла“ станува повторно јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје. Одлуката е донесена денеска на петтата вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која, исто така, беа поништени претходните договори и постапки за давање на „Дрисла“ под концесија.
Советот на Град Скопје изгласа одлуки со кои се поништува претходната одлука за избор, но и се поништува целата постапка за избор на концесионер на депонијата „Дрисла“, со што по осум години правни игри, правни шпекулации и правни перипетии успеавме Град Скопје да го извадиме од тие лавиринти и конечно да ја исчистиме состојбата со претходно сериозно водена контроверзна постапка за избор на концесионер во „Дрисла“, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов по завршувањето на седницата.
Тој образложи дека со тоа „Дрисла“ се враќа повторно во системот на Град Скопје како јавно претпријатие. Претпријатието, како што рече, ќе треба да го реструктуираме, да го основаме со нов Управен одбор и со нов менаџмент се со цел да воспоставиме целосна контрола и врз „Дрисла“, но и да можеме да креираме нови комунални политики во нашиот град.
Според него, изминатите осум години Градот немал соодветен партнер во „Дрисла“ и очекува дека по ова ќе може да се зборува за еден сосема нов поинаков начин и на функционирање на „Дрисла“ и на креирање на комуналната политика во главниот град.
Шилегов ги образложи правните моменти во врска со овој случај.
Кога настана смената на концесионерот, ако ја прекиневме во таа фаза постапката, тогаш Градот ќе го изложевме на сериозен ризик на тужби за надомест на штета од двете фирми во таа постапка и заради тоа беше и таква одлуката на Советот. Јас тогаш кажав и сега повторувам – Јас сум гарантот за доследно спроведување на договорни обврски на субјектите што соработуваат со Град Скопје. Кажав на седницата на Советот и пак ќе повторам – За овој град јас сум подготвен да направам компромис со секого, но, со овој град нема да правам компромиси со никого, нагласи Шилегов.
Појасни дека рокот истече и Градот не доби известување дека постои фирма со која може да склучи договор и тоа е правната можност што се создаде постапката да биде поништена. -И тоа, како што рече, овозможи Градот безбедно да го внесеме во мирни правни води со цел конечно по осум години да можеме да здивнеме сите во Скопје од проблемот наречен „Дрисла“ и да можеме, како што рече, со ладна глава во сменети околности да ги изанализираме сите состојби и да утврдиме евентуална потреба од нова постапка и да се спроведе таква постапка доколку таа е потребна за нашиот град.
Одговарајќи на новинарски прашања, скопскиот градоначалник рече дека за него во овој момент императив е одлуките што ги донесе Советот да бидат имплементирани, а „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие, а потоа во една помирна атмосфера да се изврши сериозна анализа за тоа кои се можностите и какви се реалните потреби на главниот град и дури потоа да се влезе во евентуално некоја нова постапка.
Comments are closed for this post.