Денеска на средба со регионалниот изборен штаб и кандидатите за пратеници во изборната единица 5 донесовме заклучок дека ни се потребни избори час поскоро, во првиот можен рок.
Согласно прогласената нова вонредна од 2 недели, и согласно законските рокови, 5 јули е точниот датум кога ќе се одржат изборите.Навлегувањето во други датуми по 5 јули носи опасност да се загрози гласачкото право на граѓаните, бидејќи  ќе го спротивстави со правото на одмор, порача од Битола вицепремиерката Радмила Шекеринска.
Ние не смееме да си дозволиме да ги ставиме граѓаните во позиција да бираат дали ќе одат на одмор или ќе одлучуваат на избори и затоа изборите треба да се случат веднаш, согласно законските рокови.
На ниту еден граѓанин не смее да му се става под знак прашалник годишниот одмор и да му се загрозува заради некакви идеи за избори среде лето.Но, и обратно, на ниту еден граѓанин не смее да му биде загрозено правото на избор и правото на демократски глас, заради неразумните и несфатлици идеи изборите да се организираат среде лето.
Во исто време, опасна и неразумна е идејата изборите да бидат наесен. Како општество, како одговорни поедници, не смееме да дозволиме државата да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент.
Токму овие две инститиции мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19 и последиците од него.
Затоа, изборите мора да се одржат на истекот на 22 дена по завршување на вонредната состојба односно во конкретниот случај на 5 јули. Не постои никаков друг правен механизам, без разлика колку и тоа да не им се допаѓа на одредени политички партии и лидери.
Добро ќе беше овој датум да се потврди и со консензус, но мора да знаеме дека имаме одговорност пред државата, пред граѓаните и нивното здравје. Не смееме да се втурнеме во бескрајни преговори кои ќе ги држат граѓаните во неизвеснот, само затоа што Мицкоски се плаши од избори и затоа преку своите министри прави саботажи кои се на штета на граѓаните.
Важно е за нашата парламентарна демократија, за нашата економија, но првенствено за граѓаните и за нашето здравје да добиеме ново активно Собрание, ден поскоро и тој ден е 5 јули.
Затоа, ја користам оваа прилика да ги повикам сите партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ и нивниот исплашен претседател Христијан Мицкоски, да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, а не како многупати досега да бидат извор на проблеми и предизвикувачи на кризи.
Секој оној кој сака да ги одложи изборите, сака да ја продолжи кризата, и со тоа не им посакува добро ниту на граѓаните, ниту на државата.
Ги уверувам и граѓаните дека во период кога мерките се олабавуваат, кога можеме по посебни заштитни протоколи да посетуваме маркети и трговски центри, да посетуваме угостителски објекти, по заштитни протоколи ќе можеме и да го оствариме своето избирачко право, без закани по нашето здравје или здравјето на другите.
Нашите здравствени експерти ја следат ситуацијата, нашите медицински капацитети се сериозно зголемени за разлика од времето пред коронавирусот. Треба да знаеме дека  ако имавме на пример по 40 заболени дневно на почетокот на кризата, кога не знаевме со што се соочуваме, ни оддалеку не се исто со 40 заболени сега, кога сме целосно подготвени и кога епидемиолошките кластери се под контрола.
Изборите носат решенија и за поуспешна борба со Ковид-19, и за економијата и за демократијата и затоа не смееме веќе да одложуваме туку да организираме фер, слободни и демократски избори со кои ќе добиеме нови легитимни институции со целосен капацитет.