Шефовите на изборните штабови на тројцата кандидати  ветија дека изборите ќе минат во фер и демократска атмосфера.

Тие се задоволни како помина изборната кампања и оти сите треба да придонесат и изборниот ден да мине мирно и без инциденти.

Шефовите на изборните штабови на претседателските кандидати Игор Јанушев, Александар Кирацковски и Флорин Асани денеска заедно апелираа до сите граѓани, политички чинители, медиумите и сите останати за фер, регуларни и кристално чисти избори в недела на 21-ви април.

Јанушев ги повика граѓаните најмасовно што може да излезат и да го искористат своето демократско право на глас.

Посакувам фер битка на 21 – ви април, како на претседателскиот кандидат на власта Стево Пендаровски, така и на претседателскиот кандидат Блерим Река. Од власта очекуваме како најодговорна да спроведе фер и демократски избори, изјави Јанушев, додавајќи дека граѓаните знаат да ја препознаат вистинската личност за која треба да го дадат својот глас.

Асани осврнувајќи се на тоа дека досега кампањата била проевропска кампања, без инциденти, ги повика граѓаните на 21- ви април да гласаат за кандидатот на кој му веруваат.

Кирацовски повика заедно да покажат висока демократска зрелост, политичка свест и да овозможат граѓаните на мирни, слободни, фер избори, слободно да ја изразат својата волја.

Институциите на сиситемот, согласно информациите кои ги имам, се комплетно подготвени да овозможат слободен, регуларен, фер изборен процес и изборен ден, рече Кирацовски, додавајќи оти овие избори не се само за претседател, туку преку овие избори ќе покажеме и ќе потврдиме дека сме достојни на патот кон евроатлантските интеграции.