За внатрешната стабилност како и за стабилноста во регионот е важно Македонија да стане членка на НАТО, но притоа е подобро сега да се решат некои проблеми, отколку тие да се внесат во алијансата, рече на денешната прес-конференција Зијадин Села, лидерот на Алијанса на Албанците по средбата со шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, Зоран Јовановиќ.
Села рече дека на разговорите Јовановиќ ја искажал заинтересираноста на НАТО Македонија да стане членка на Алијансата како многу важен сегмент и за внатрешната и за регионалната стабилност. Разговарано било и за нивните предлог-амандмани на Уставот.
Мислиме дека е многу важно Македонија да стане членка на НАТО, а со тоа да не повлече со себе внатрешни проблеми кога ќе биде во НАТО. Во овој контекст се и нашите предлози за граѓаните во Република Македонија да се чувствуваат еднакви со еднакви права, а не како што функционирало изминативе 30-тина години кога сме имале две категории на граѓани. За жал предлагачот, во случајов Владата, настојува на тоа првата реченица во Преамбулата да почнува со граѓани и македонски народ и да продолжува „како и граѓани и делови од народ. Никој не треба да се плаши од еднаквоста и од праведноста, а сите ние треба да се плашиме од компромисите кои се правеа со законот за амнестија и други компромиси кои ги гледаме преку СЈО, рече Села.
Запрашан дали партијата ќе ги поддржи уставните измени доколку не бидат прифатени нивните предлози, Села рече дека партискиот став ќе го соопштат за неколку дена. Тој притоа потврди дека денес попладне ќе има средба со премиерот Зоран Заев на која ќе разговараат за нивните барања.
Села рече дека Алијансата на Албанците поднела шест амандмани и според него со нив не се прави ревизија на Охридскиот рамковен договор.
Тој ги отфрли обвинувањата на вицепремиерот Бујар Османи дека тие заедно со БЕСА се кочничари на процесот на уставните измени.
Вистинските кои ја проблематизираа и на некаков начин водеа овој процес да се одоговлечи е токму господинот кој го спомнавте, а кој беше министер и во Владата на премиерот Никола Груевски. Нема потреба тој да вперува прст кон никого бидејќи јавноста знае кој е тој лично и политичката опција која тој ја претставува, рече Села.
Од друга страна, шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија Зоран Јанковиќ денес по средбите со претставниците на Алијансата и на БЕСА за МИА изјави дека НАТО е заинтересиран да бидат донесени клучните одлуки што треба да се донесат, а се однесуваат на интеграцијата на земјата во Алијансата. Јанковиќ во изјава за МИА потврди дека имале и дека во наредниот период ќе имаат средби со сите политичките партии застапени во Парламентот.
Најбитна е одлуката за приклучување на земјата во НАТО. Тоа е нашата клучна порака. Парламентот мора да донесе одлука за земјата да го направи клучниот чекор за присоединување во НАТО. Генералниот секретар досега многу пати има изјавено дека тоа е клучниот чекор за земјата да ги отвори портите кон НАТО, рече Јанковиќ.
Comments are closed for this post.