Отсуство на транспарентност дома, отсуство на транспарентност и надвор. Вака најкратко може да се оцени престојот на македонската делегација на безбедносната Конференција во Минхен. И одново за бугарските барања дознаваме од Бугарите, а нашите упорно молчат.
Бугарскиот премиер Кирил Петков ја фрли новата јадица со идеја, откако Скопје и Софија ќе постигнат решение за вметнувањето на македонските Бугари во Уставот, во форма на заеднички предлог да го достават до Европската комисија како дел од преговарачкиот процес за влез во ЕУ.
-Прашањето сега е многу поинаку, прашањето не е дека една држава притиска, а другата вели не. Планираме да отидеме во Европската комисија со заеднички предлог, што прво е многу различно пред се. Второ, го потпираме на копенхашките критериуми, на принципи на правна заштита на луѓето кои се со наше потекло. Со други зборови, не вклучуваме конкретно билатерално прашање, туку вклучуваме принципи кои всушност се во рамките на државите членки на ЕУ. Мислам дека ако Брисел на овој проблем меѓу двете држави гледа како можност да го забрза преговарачкиот процес, тоа ќе може да биде искористено како модел за останатите држави членки од Блаканот што се поканети во ЕУ, се пофали Петков.
Внимателната анализа на изнесеното укажува на тоа дека, според Петков, „другата држава“, што ќе рече Македонија, не вели не за ставањето на македонските Бугари во Уставот. И оти, повторно според него, планираат да отидат („планираме да отидеме“) заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, што имплицира дека и тој се согласил со тоа, со заеднички предлог во Европската комисија. Останатото е фолклор, зашто и до сега стануваше збор за човековите права и нивното сместување во Копенхашките критериуми, а колку уцените можат да бидат пример и модел за решавање на отворените прашања со останатите земји од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ-членството е сосема друго прашање.
И ова во многу наликува на веќе видени работи. Повеќе од очигледно е дека ваквиот настап на Петков потсетува на излетите на поранешниот премиер Зоран Заев. Прво кажи нешто, па подоцна ќе видиме дали е тоа можно да се реализира. Како Харвардската школа да е шарлатантска како онаа муртинската!
Но, за предлогот на Петков не слушнавме ни збор ни од премиерот Ковачевски, ни од претседателот на државата Стево Пендаровски, кој исто така имаше средба со Петков.
Клучно е прашањето зошто обајцата молчат? Во прв ред премиерот Ковачевски? Дали Ковачевски го овластил Петков да говори во името на двајцата и кога и зошто тоа се случило? Сега во Минхен или многу порано? Зарем Ковачевски не знае да го каже истото, што и Петков? Дали молкот на Ковачевски значи потврда дека веќе се согласил и со ставањето на македонските Бугари во Уставот и со тоа Европскта комисија да биде гарант за тоа? А, врз основа на кои анализи? И во чие име? Кој му го дал правото на Ковачевски да ги става пред свршен чин сите останати политички чинители во земјата? Дали Европската комисија ќе биде гарант само за ова прашање или за целиот пакет 4+!?
Има многу прашања на кои ќе треба да одговори Ковачевски, зашто домашната јавност, по сите случувања од Нивици, па наваму, е многу посензитивна оти се работи за чисто идентитетски прашања.
Ако се гледа од бугарска страна, изнесениот предлог од Петков значи дека Бугарија бара меѓународен легитимитет на своите уценувачки средства, што во крајна линија може да значи и легитимирање на штетните отстапки на Македонија на сметка на бугаризацијата и асимилацијата на Македонците.
А, тргањето на Ковачевски од заедничката фотографија е лош предзнак.
Comments are closed for this post.