Ние од Бугарската православна црква побаравме да посредуваат околу добивањето автокефалност, а тоа ќе го побараме и од секоја друга црква ако има добра желба да помогне. Но, тоа дејство трае додека не бидеме признаени. Откако ќе бидеме признаени, сите стануваме сестри помеѓу себе и повеќе нема ниту црква мајка, ниту црква ќерка.

Ова за Лидер.мк го изјави портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот Тимотеј. Лидер.мк побара одговор на прашањето дали по посетата на техничкиот премиер Оливер Спасовски и неговиот партиски лидер Зоран Заев на Цариградската Патријаршија и по неговиот коментар за тоа, МПЦ-ОА се откажува од барањето БПЦ да и биде црква мајка.

Митрополитот Тимотеј вчера изјави дека како црква очекуваат позитивни реакции и решение, поради тоа што Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, навестува дека ќе организира средба.

Очекуваме да бидеме повикани таму идниот месец, не знаеме со сигурност дали ќе бидат поканети претставници на  Српската црква, но останува да видиме што ќе се случи и како ќе се развива решавањето на спорот во иднина, рече митрополитот Тимотеј.

Во своето соопштение, пак, Вселенската патријаршија, меѓу другото, посочи дека Вселенскиот патријарх ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на 9 ноември 2017 година одлучи да ја препознае и да ја признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како црква-мајка. Писмото што МПЦ тогаш го испрати до Синодот на БПЦ прво беше објавено во емисијата „Вера и општество“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).

Во вториот став од писмото стоеше:

Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите Помесни цркви.

Меѓутоа, наспроти очекувањата, барањето на МПЦ-ОА не доби чисто позитивен одговор од БПЦ, пред се, поради стравување од реакциите на останатите православни цркви. Но, тоа не значи и дека треба да се заборави на писмото и на барањето.