Согласно доказите и транспарентната судска постапка, надлежните судски органи ќе одредат дали и кој бил инволвиран во насилството на 27 април, а не Ѓорге Иванов, соопшти СДСМ по ображањето на претседателот Иванов.

„Колку е несериозен и неодговорен Иванов покажа и денеска. Од една страна тврди дека исказите во судската постапка за насилството од 27 април се невистинити, а од друга ги потврдува, конкретно, Иванов потврди дека член од неговиот кабинет, Борис Јосифовски, бил во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ тој ден. Иванов потврди и дека Миле Јанакиевски и Владимир Пешевски биле кај него со иницијатива поврзана со помирувањето.

Останува фактот дека Иванов е со целосно нарушен кредибилитет, со крајно неодговорна, негативна и сомнителна улога во општеството“, се додава во соопштението.

СДСМ потсетува дека Иванов заговараше општа амнестија за криминалот и неказнивост, тој е срам за граѓаните и државата, неодговорен кон иднината, а особено кон интеграциите, кон членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Ѓорѓе Иванов потроши два мандати а ниту еднаш не излезе во јавноста за некое клучно, и важно прашање за граѓаните, за државата, освен за потребите на Никола Груевски“, се наведува на крај на соопштението.