По завршувањето на вонредната состојба, според законската регулатива, треба да бидат продолжени изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Ако изборите се одржат на 5 јули, согласно роковите, денеска треба да почне изборната кампања, односно 20 дена пред денот на гласањето.
Владата веќе им даде насоки на надлежните институции за продолжување на изборниот процес, кој беше прекинат поради корона-кризата и прогласувањето на вонредната состојба. Сите владини насоки предвидуваат подготовки за избори на 5 јули.
Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и покрај средбите на партиските лидери, се уште не можат да се усогласат за изборниот датум.
За СДСМ, прифатливи термини се 5 или 8, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира на 15 јули. Двете страни засега остануваат на своите позиции. Власта вели дека избори мора да има што поскоро заради враќање на институциите во полн капацитет и легитимитет и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19. Опозицијата, пак, кажа дека нема учествува на избори на 5 или на 8 јули и предупредува на можна политичка криза.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во обид да се усогласат ставовите организираше неколку лидерски средби, кои завршија без договор. Пендаровски во петокот во обраќањето до јавноста повика на меѓупартиски консензус за изборите. Порача дека е можно и ново продолжување на вонредната состојба, но само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.
Политичките партии најавија дека кампањата за овие избори ќе биде поразлична поради корона пандемијата и ќе се одвива без митинзи, туку преку медиумите и социјалните мрежи. Досега, само Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива соопштија дека од денеска и официјално ја стартуваат кампањата за предвремените парламентарни избори на 5 јули
Comments are closed for this post.