Најнапред сакам да им честитам во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија за огромната безрезервна поддршка која ни ја дадоа изминативе 8 дена. ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи за нешто помалку од вкупно 24 часа. И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел, изјави на денешната прес конференција, Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива.

– Од самиот почеток власта беше исплашена знаејќи дека спроведува попис спротивно од барањата и заложбите на граѓаните и токму затоа и ни ја отфрлија иницијативата за поништување на законот за попис. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис. Граѓаните и Република Македонија заслужуваат европски попис како статистичка операција, колку и тоа да и смета на власта, вели Сајкоски.

– Оваа власт чиј носител е СДСМ е на самиот крај и оваа поддршка од над 100.000 граѓани за кус период е само почеток на крајот на оваа Влада. Уште еднаш, Ви благодариме за поддршката, додаде тој.