Премиерот Зоран Заев најави јунска метла во својот кабинет, за која постојат услови да замете и пошироко, додека неговиот клучен партнер за политичкиот опстанок, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак рече дека е подобро земјава да влезе во процес на ветинг, односно проверка.
Ахмети за тоа денеска разговара со Заев и тој смета дека сите функционери треба да поминат низ процес на ветинг, за да се провери како го стекнале имотот. Според Ахмети преку овој систем на проверка ќе се спречат напади врз функцинерите и ширење на лажни вести.
Јавоста многу добро знае што е метла, но многумина се прашуваат што е пак сега тоа ветинг? Коренот на зборот се наоѓа кај ветеринарите (вет, скратено од ветеринар) кои вршеле проверка на здравјето на коњи за трки, односно проверувале колку се тие подготвени за трка. Преведено на нашки, тоа би значело подлабока проверка на некого пред да се вработи, проверка на неговиот имот, или ако станува збор за иден шпион, исто така проверка на неговите способности, врски, круг на движење и тнт.
Ивон Величковски, поранешен пратеник и политиколог, за Пресинг ТВ вели дека ветингот е сериозен институционален процес со кој се спречува конфликтни, компромитирани или корумпирани лица да имаат пристап до јавна функција или до функција со која можат да прибават противправна корист на лица по претходните карактеристики.
Целта е системот да биде отпорен на корупција што е системски спонзорирана. Во Македонија тоа мора да биде долг, неколкугодишен процес што ќе ги зафати и функционерите и администрацијата и јавните служби, а особено органите за внатрешни работи, судството и одбраната. Најавениот „метлинг“, следствено, повеќе е забава за јавноста одошто решавање на нефункципналноста на системот. Корупцијата овде е ендемска, а криминалот е организиран секогаш кога е партиско-државно спонзориран“, вели Величковски.
Сомнежи за реваншизми
Експерт за правни прашања, за Пресинг ТВ изјави дека наместо ветинг, односно проверка, треба да се донесе закон за потекло на имотот и со тоа еднаш за секогаш ќе се реши прашањето со сомнежите како некој го стекнал својот имот или богатство. Експертот, заради вклученост во процес на носење закони, анонимно изјави дека како клучно се поставува прашањето – кој и како ќе го спроведува ветингот во услови на целосна контрола на власта од СДСМ и од ДУИ.
Дали постои опасност ветингот да прерасне во политички реваншизам кон опозицијата? Можеби не, но постојат и реални сомнежи дека тој процес би можел да оди токму во таква несакана насока. Затоа е подобро тоа да се реши со закон – вели нашиот извор.
По изборите од власта рекоа дека пораката од граѓаните е примена, и дека ќе следи „метла“ за оние кои потфрлија. Од ДУИ реагираа за овој термин кој не им се допаѓа.
По најавите дека функционерите кои не се покажале ќе бидат сменети, дел од министрите се активираа да презентираа што сработеле и што работат.
Инаку, ветингот не нешто ново што го предлага Ахмети, зашто министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски веќе порача дека „мора да се спроведе ветинг систем во полицијата“. Тој на собраниска говорница рече дека се планира донесување посебен закон за ветинг и формирање на комисии на три нивоа, а ќе се анализираат три аспекти на вработените – професионалното досие, имотната состојба и интегритетот.
Постојат сериозни индиции дека некои од полицајците, командирите и началниците имаат зголемен имот повеќекратно што го немаат ниту бизнисмени кои по 20 години имаат бизниси во Македонија. Тука го гледам интересот зошто е многу атрактивно да бидете дел од македонската полиција, па на оглас за 30 вработени се јавуваат 3.000. Веројатно мотивацијата се овие луѓе кои ги гледаат во секојдневнието – истакна Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање.
Ветингот ја извади албанската опозиција на улица
Процесот на проверка е почнат во Албанија и таму тој процес се одвива во судскиот систем за к се смета дека е опасно корумпиран. Но, опозициската Демократска партија не беше најсреќна со тој процес, иако тој е поддржан од САД, зашто смета дека со него се врши политичка пресметка, а „не се зафаќаат моќните личности кои со корупција или криминал се стекнале со големо богатство“.
Лидерот на ДП, Љуљзим Баша, дури истакна дека заради „технички процес“ Европската комисија го поддржува ветингот. Тој притоа како единствен пример ја посочува Албанија која цела година остана без Уставен суд.
До сега во процесот на проверка настрадаа стотина судии, а меѓу крупните имиња се претседателите на судовите во Саранда, Корча, Берат и на Апелацискиот суд во Валона.
Заради процесот на ветингот албанската опозиција одржа повеќе протести низ Албанија, обвинувајќи дека зад тој процес стои Џорџ Сорос.
Comments are closed for this post.