Со концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчевски вечерва во Рим, во рамки на културната програма на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ беше одбележан Денот на сесловенските просветители.

На концертот, јави известувачот на МИА, присуствуваше македонската државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која од вчера е во Рим и Ватикан, по повод чествувањето на 24 Мај.

Министерот за култура Зоран Љутков, кој е дел од делегацијата и чие Министерство е организатор на настанот, ги поздрави гостите истакнувајќи дека манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, повеќе од пет децении се одржува во вечниот Рим, каде што во црквата „Сан Клементе“ бил погребан Свети Кирил, еден од најголемите просветители и духовни столбови на словенскиот свет.

-Токму овде, во овој свет град каде што почива неговото тело сме собрани со длабоко чувство на благодарност и почит. Благодарност за писмото и словото што ни ги подарија браќата Кирил и Методиј и почит за нивното визионерство, кое не само што ја осветли темнината на неписменоста туку и го вгради нашиот идентитет во темелите на европската цивилизација, рече министерот Љутков пред концертот на Трпчевски.

Тој истакна дека оваа година нашето чествување добива уште подлабока димензија, бидејќи сме сведоци на еден историски момент – изборот на новиот папа Лав IV.

-Симболиката е силна: нов почеток, токму во времето кога го славиме делото на човекот кој ги отвори вратите на христијанството кон словенските народи. И токму затоа денешниот настан не е случаен. Тој е симболичен мост меѓу словото и звукот, меѓу историјата и современоста, меѓу духовното наследство и уметничкото изразување, рече Љутков.

Најавувајќи го вечерашниот концерт на пијанистот Симон Трпчевски нагласи дека секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото.

-Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија, рече Љутков.

Според него, вечерашниот концерт е нашата современа молитва, „не со зборови туку со музика“.

-Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила, истакна министерот за култура Зоран Љутков обраќајќи се пред присутните на концертот на Трпчевски во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ во Рим