Сопственик на фирмата „Белина“ Љупче Николовски и резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и инструктор по пливање Миливое Алексиевски, познат како Миле Сирма се новите кум и здравичар за Бадник 2019 година.

Кумот Николовски е бизнисмен, споственик на фирмата „Белина“, кој работи со градежни материјали и снабдување на големи фирми и посветен Вински витез, а здравичарот, 85-годишниот Миле Сирма е резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање.

Правиме скопска традиција и ќе ја правиме додека можеме ние и сите други што ќе не наследат, рече Мојсо Мојсовски, член на Одборот за традиционална прослава на Бадник.

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ во негово и во име на општината им честиташе на кумот и на здравичарот и на целиот Бадникарски Одбор и им посака на сите здравје и среќа да ги служи во иднината која претстои.

Традиционално, на 23 декември, претпоследната недела во декември, скопските Бадникари ќе ги собираат бадниковите гранчиња на месноста Краста на падините на Водно, што на 6 јануари со години им ги делат на скопјани, на свеченоста на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во пресрет на Божиќ.