Истрагата за случајот „Рекет“ покажала дека од два мобилни телефони, кои се воделе на осомничената пратеничка Фросина Ременски, еден бил форматиран, а другиот бил заменет на 11 јули, 4 дена пред отварање на истрагата и апсењето на Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец.

Како што пренесува „Телма“, стариот апарат на Ременски го нема, но не бил најден ниту нејзиниот нов мобилен апарат. Вештачењето на форматираниот апарат, пак, покажало дека на него нема никакви податоци кои може да се искористат во истражната постапка.

Во Собранието тврдат дека кај нив не е пријавено дека пратеничката изгубила телефон.

Ременски е осомничена во вториот дел од истрагата Рекет поврзана со активностите на Меѓународниот сојуз. Одземен и е пасошот и таа не смее да го напушта Скопје. Извршен ѝ е претрес во домот, а таму се најдени и документи од разузнавачките служби.