Кандидатот за претседател Блерим Река поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА вели дека е скептичен во однос на добивање на датум за почеток на преговори.
Во првата дебата на тројцата кандидати за претседател, Река истакна:
„Со политизирано судство, политизирана јавна администрација, со Собрание кое амнестира пратеници и неизвесно СЈО мислам дека не сме близу до добивање на датум за почеток на преговори“, истакна Река.
Тој потсети дека Европската комисија може да препорача да се отпочнат преговорите, но земјите членки можат и да не ја усвојат препораката.
„Ние имаме уште три држави членки кои се скептични и кои не се убедени дека ние сме подготвени за почеток на преговори“, потенцираше Река и додаде дека во ЕУ не поминува геополитичко алиби, како што е случајот со НАТО.
Меѓудругото тој зборуваше и за неговата кандидатура и посочи дека и покрај тоа што е поддржан од Алијансата на Албанците и Беса, тој е независен кандидат.
„Многу јасно и гласно кажав дека ќе бидам независен кога се кандидирав. Тоа што двете партии ме поддржаа е за поздравување, тие поддржаа независен кандидат. Кога видов дека во трката ќе има само два кандидати од македонското мнозинство, мислам дека не ќе беше фер ако нема кандидат кој не припаѓа на мнозинството“, рече Река.
Comments are closed for this post.