Македонија е држава ориентирана кон иднината и којашто претставува позитивен пример за регионот од Западен Балкан и Европа, е пораката на министерот за надворешни работи на Естонија Урмас Реинсалу која вчера му ја пренел на македонскиот министер Никола Димитров кој учествува на годинешната конференција Ленарт Мери во Талин.
Како историски подвиг, Реинсалу го нагласил заедничкото решение на нашата земја со Грција за кое, како што вели, ова не би било можно без вистински државен карактер ориентиран кон иднината. Реинсалу на министерот Димитров му порачал дека Естонија ги поддржува аспирациите на нашата земја да започне преговори за пристап со ЕУ оваа година во јуни и дека треба да продолжиме со реформите.
Тој на средбата ја поздравил нашата земја како идна членка на НАТО, посочувајќи дека стабилен регион на Западен Балкан што се залага за заеднички вредности е во интерес на безбедноста на цела Европа.
Шефот на нашата дипломатија Димитров на естонскиот колега му нагласил дека нашата земја е ретко успешна приказна која треба да биде препознаена и зацврстена преку отворање на пристапните преговори со ЕУ. -Тоа ќе биде силен мотив за нас и јасен сигнал за целиот регион, потенцирал Димитров на средбата.
Министрите за надворешни работи, разговарале за односот на Естонија и Македонија, вклучувајќи ги и можностите за поблиска соработка во областите на е-владеење и бизнис.
Министерот Димитров во рамки на вчерашните активности од работната посета на Талин, беше примен и од премиерот на Естонија, Јури Ратас, на која, како што соопшти МНР, разговарале за прашања поврзани со европската интеграција на нашата земја, процесот на заокружување на постапката за полноправно членство во НАТО и потенцијалот за збогатување на билатералната соработка.
„Благодарни сме за силната поддршка од Естонија за нашата европска перспектива. Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини позади заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината, истакна Димитров на средбата со Ратас.
Во текот на денешниот ден шефот на дипломатијата Димитров ќе учествува на панелот „Дали малите ќе истраат?: Балканот во струите на стратешките интереси”, а предвидени се и повеќе билатерални средби на маргините на конференцијата.
Comments are closed for this post.