Во пресрет на 80 годишнината на комеморацијата од депортацијата на Евреите од Македонија во центарот за убивање Треблинка, 11 март, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од се почестите антисемитски појави во нашата држава.

Сметаме дека е апсолутно неприфатливо, под закрилата на „хуморот и сатирата“ да се исмеваат 6 милиони Евреи жртви на нацизмот од кои 7.144 Евреи од Македонија, а како што беше случај на карневалот во Струмица на којшто, помеѓу другите маски, беше и онаа со ликот на Хитлер. Таквата маска не е во духот на карневалот и е во спротивност со мултиетничкиот и мулти конфесионален карактер на Македонија и пораката „Едно општество за сите“. Таквата маска го отвора прашањето дали за нас Евреите има место во оваа држава, реагираат од Еврејската заедница во Македонија.

-Недоличните маски и глорификација на нацизмот и фашизмот не застанаа на карневалот. Само неколку дена по неговото одржување на 01.03.2023 на оградата на Еврејската заедница осамна графит со нацистички симбол – свастика. Дали јавната промоција на маската на Хитлер го поттикна пишувањето на овој графит?

Би сакале да потсетиме дека македонската Влада уште на 8 март 2018 година, по повод одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија ја прифати работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) за борба против антисемтизмот, а потоа и работната дефиниција за искривоколчување и негирање на холокаустот. Усвојувањето на овие два документи значи и обврска за постојан ангажман и конкретно делување на сите институции на државно и локално ниво, но и на граѓанското општество и на сите нас како граѓани на оваа држава во спречувањето на ваквите појави а не нивна јавна промоција. Воедно, би сакале да укажеме дека уште во 2017 година Еврејската заедница предложи дополнување на Кривичниот законик, кои беа прифатени од работната група при Министерството за правда, а со коишто ваквите појави би се санкционирале соодветно, но за жал истите досега не се имплементирани, се вели во реакцијата.