Нема значен напредок во преговорите за Законот за јавно обвинителство. Ова е заклучокот од денешната средба помеѓу власта и опозицијата. И двете страни, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и министерката за правда Рената Дескоска потврдија дека разликите остануваат и оти нова средба се очекува по 15 август.

Милошоски смета дека власта не е подготвена да се откаже од влијанието врз Јавното обвинителство како и од Вилма Рускоска.

Тие бараат законот да не пропишува кој ќе биде шеф на ова Обвинителство, како што е сега предложено.

 Власта не е подготвена во системското решение за Законот да прифати концепт во кој обвинителството ќе има поголема одговорност, но и поголема доверба од јавноста дека вистински се бори со организираниот криминал и корупција. Последниот случај Рекет покажува дека Вилма Рускоска кога станува збор за неподобни политички личности се однесува како обвинител, а кога станува збор за Катица Јанева или за некои Кики и Фрики се однесува како адвокат-оценува Милошоски.

Нивниот предлог предвидува конечниот збор за избор на Јавен обвинител да го има Советот за јавни обвинители но и комисијата за избори и именувања и опозицијата да може да предлагаат кадри.

Дескоска пак бара ВМРО-ДПМНЕ да ги преиспита своите ставови и оти е неприфатливо да има целосно демонтирање на структирите на СЈО и на Обвинителстовото за организаран криминал и оти не може тие луѓе да останат без работа.