Во собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно помина Предлог законот за ратификација на Согодбата меѓу владите на С. Македонија и на Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане – Миратовац.

Како што истакна потпретседателот на Комисијата за одржување, обележување и отворање гранични премини на РСМ со соседите и директор на Директоратот за конзуларни работи и меѓународно право при МНР, Љуфтим Спахиу, на иницијатива на СЕП и со согласност од српска страна, Спогодбата е потпишана на 16 декември 2019 година и е предвидено да се реализира во две фази. Граничниот премин Лојане – Миратовац ќе помогне за полесна комуникација на населението од двете страни на границата.

– Желбата на двете влади е првата фаза за локален сообраќај да се реализира уште на почетокот на наредната 2020 година. Ќе треба да се постават контејнери на српска територија каде ќе бидат сместени органите (МВР и Царина) на двете држави. Во таа насока ќе биде потребно обезбедување соодветна инфраструктура, интернет, односно рехабилитација на постојниот пат. Паралелно со ова ќе функционира проектот за оспособување на преминот за меѓународен сообраќај. Да се најде земјиштето каде ќе биде изграден инфраструктурниот објект кој ќе биде користен од двете страни. Со отпочнување на таа постапка почнуваат и законските предвидени прописи – оттуѓување на земјиште, добивање соодветни дозволи, избор на компанија која ќе ги изведува работите…Имајќи го предвид искуството со граничниот премин Белановце – Станчиќ, тоа може да трае малку подолго, односно од 3-5 години, рече Спахиу.

Изградбата на објектите со околу 2,4 милиони евра ќе ги финансира Норвешка, со координација од Секретаријатот за европски прашања, а државата ќе ги опреми веќе изградените објекти.

Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски истакна дека по подолго време и барања од македонската страна до Србија конечно се операционализира отворање на овој граничен премин.

– Освен за локалното население отворањето на ГП може да има позитивно влијание и за локалната економија на регионот. Во таа смисла ќе биде добро доколку Комисијата и Парламентот што побрзо го ратификуваме законот за ратификација на спогодбата и истата се реализира, рече Милошоски.

На Комисијата едногласно помина и Ратификацијата на Спогодбата помеѓу владите на С.Македонија и на Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки.

Наташа Дескоска од Директоратот за конзуларни работи и меѓународно право при МНР, истакна дека Спогодбата меѓу двете земји е потпишана во Скопје во февруари 2019 година и треба да овозможи натамошен развој и продолжување на билатералната соработка во областа на двојазичната настава, како и да го подгне квалитетот на наставата со примена на европските искуства.

– Со Спогодбата се овозможува редовна објава на активностите на двојазичните франкофонски паралеки, билатерални проекти, усовршување, известување на учество на собири, конференции, симпозиуми, конкурси за стипендии како во дневниот печат и на интернет страната на училиштата, како и на интернет страната на МОН и соодвтено доставување информации на заинтеерсираните страни, рече Дескоска.

Членовите на Комисијата со поддршка за Спогодбата и со став дека треба да се прошири овој вид соработка и со други земји членки на ЕУ, како и за воведување на изучување на другите јазици кои се официјални во ЕУ во училиштата од порана возраст.