Обвинителството молчи за тоа дали е отворена истрага за генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и за директорите на М НАВ за наводно местење на тендер за набавка на радарскиот систем. Новинарите кои ги објавија аудио материјали, а Рашковски лично потврди дека гласот кој се слуша е негов беа повикани во МВР да дадат изјава. Љупчо Златев рече дека од него било побарано да го открие изворот.

Во меѓувреме премиерот Зоран Заен од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања тврдеше дека Рашковски два пати му понудил оставка, но тој не видел одговорност за да ја прифати.

„Апсолутно не видов никаква причина да прифатам оставка од Рашковски, кој двапати дојде и ми рече „не ја разбирам политиката, јас доаѓам од Универзитет, не сум бил политички на раководни функции, ако е политички исправно јас сум подготвен да заминам. Набавката на радарската опрема во МНАВ, комплетно со одлука за избор на јавна набавка, е завршена во 2016 година. Владата и генералниот секретар се во канцеларијата на Владата од 1 јуни 2017 година. Јавната набавка е завршена тогаш, од директор, кој е татко на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски. Разговорот се водел со цел да се убедат директорите на МНАВ да потпишат договори и да одат во имплементација. Но знаејќи дека бандитска власт била претходно и не е така лесно, но влегле во имплементација и затоа се закажани состаноците. Јас имам одржано состанок со МНАВ на ова прашање зборувајќи „ајде луѓе треба да се реализира, имате пари, кредитна линија, Европска банка за обнова и развој беше консултант во целата постапка и треба да се реализира. Апсолутно не може да се каже дека некој барал провизија прво на затворено, а второ на осум луѓе кои седат на состанок“, истакна премиерот.

Иако официјално од Јавното обвинителство нема информација дека е отворена истрага, премиерот Заев од собраниската говорница потенцираше  дека се спроведува истрага и во Антикорупциска и во Обвинителство за евентуална злоупотреба, но оти постои и истрага за неовластено снимање и пуштање во промет на снимки.