Националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако Албанија и Македонија до есенва не добијат зелено светло да ги почнат преговорите за приближување со ЕУ, изјавиле премиерите на двете земји, Еди Рама и Зоран Заев, за „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Како што наведува ФТ, во денеска објавениот текст, премиерите го дале ова предупредување откако европските министри за надворешни работи ја одложија одлуката за отворање на преговорите со двете земји до октомври. Воедно, се додава дека двете земји покренале далекусежни реформи за да ги исполнат стандардите на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија на вчерашниот состанок, не бил одобрен официјален почеток на преговорите за членство и покрај препораката на Европската комисија.
Не ни се потребни некој нов радикализам, национализам и популизам во нашата земја. Не е многу важно дали имаме одлука на Европскиот совет во јули или во октомври, но ако е октомври нека биде конечно октомври, бидејќи имаше многу одложувања, изјавил премиерот Заев.
Албанскиот премиер Рама, пак, изјавил дека би можело да биде штетно за ЕУ ако балканскиот регион, кој е опкружен со земји-членки на Унијата не биде во целост интегриран во европскиот блок. Според него, доколку државите-членки кои се скептични кон проширувањето продолжат да ги игнорираат позитивните препораки на ЕК тоа би можело да го дестабилизира регионот, и притоа укажа на назадувањето во демократските процеси во Турција на која и се измолкнува перспективата за членство.
Не треба да ни се случат нови лоши работи за да сфатиме дека секоја блокада на овој процес го потхранува национализмот, фантазиите и штетните соништа, рекол Рама.
Comments are closed for this post.