Откако вчера опозицијата достави нов предлог за Законот за ЈО, а власта изрази подготвеност за разговор, до крајот на неделава се очекува нова средба на работните групи.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера го презентираше новиот предлог за Законот. Тој предвидува да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото превземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога.
Предлагаме методологија која што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага од оние кои што ќе конкурираат за тоа обнинителство една личност, доколку тој предлог не помине се повторува постапката уште еднаш, доколку теоретски и тој предлог не помине тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители, доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција-објасни Милошоски.
Премиерот Заев, коментирајќи го предлогот на Милошоски истакна дека секој предлог е вреден за внимание и оти е најважно да не се дозволи политичарите и партиите да менуваат обвинители кога ќе им текне и да се договараат за нешто што е недозволиво.
Не треба да дозволиме – седнале лидерите, партиите кога ќе им текне за да менуваат обвинители. Вилма Русковска има мандат од четири години, досегад е обвинител десет месеци. Вилма Русковска води многу предмети, лично таа и нејзиното обвинителство. Едни се настаните од 27 април и многу други и тоа е уште една причина буквално да не испраќаме порака дека политичарите меѓусебе тајно на работни групи се договараат каде што има допирни точки, таму каде што е недозволиво, а тоа е во делот на независното правосудство, изјави Заев.
Comments are closed for this post.