Триесет дена притвор доби С.Р (49) од тетовско Јанчиште, осомничен за убиство на холанѓанецот Јос. М (59), сопственик на расадникот „Еуроплантс“ во тетовско Прељубиште, информираат од СВР Тетово.
По вчерашниот настан, С.Р. кој бил вработен во расадникот бил лишен од слобода, а по извршениот увид и разговор со него во полициска станица, СВР Тетово до обвинителството достави кривична пријава за убиство.
„Со соодветен поднесок во Основен суд Тетово, осомничениот е изведен пред судија во претходна постапка кој му одредил мерка притвор од времетрање од 30 дена“, соопшти денеска СВР Тетово.
Според првичните податоци од увидот на местото и разговор со вработените, на убиството му претходела расправија и физичка пресметка. Работникот со камен неколку пати го удрил и го усмртил сопственикот на расадникот.
Холандскиот државјанин пред десетина години,како концесионер на имотот на агрокомбинатот Борец ја започнал работата на расадникот „Еуроплантс“.
Според информациите објавени на интернет страницат на Еуроплантс“ на површина од 375 хектари се одгледуваат разни декоративни и украсни дрвца кои се продаваат низ целиот свет.
Comments are closed for this post.