Поради пандемијата со Ковид-19 во земјава е воведена вонредна состојба. Сите граѓани се затворени во своите домови, па така и жртвите заедно со насилниците ги поминуваат овие денови. Можноста за пријавување на насилство е драстично намалена, а зголемен е ризикот од психичко и физичко малтретирање.
Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство истакнаа дека домот за многу жени кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство не е сигурно место на живеење.
– Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на мрежата во изјава за МИА.
Во однос на пријавите за семејно насилство во периодов откако е воведен полициска час во земјава, Димушевска вели дека се уште е рано да се да се оцени, но како што истакна, воопшто не би било изненадувачко доколку бројот на пријави не е драстично зголемен, особено ако се земат предвид околностите.
Откако се затворија градинките и училиштата и беше прогласена вонредна состојба, жените во најголем дел останаа во домот да се грижат за децата. Пристапот до институциите е намален, повеќето од нив работат од дома или само на телефон. Контактот со пријателите и соработниците е намален, и жената е постојано во присуство на насилникот. Па оттаму и можноста да пријави насилство е намалена, односно нема можност. Дополнително, воведувањето на полициски час уште повеќе ги затвори жртвите во домот, нагласи извршната директорка на Мрежата.
Comments are closed for this post.