Моќта на службените лица во вонредна состојба се зголемува, а поради тоа се зголемуваат и ризиците од намерни грешки, но Кривичниот законик во ниту еден случај, ниту во услови на вонредна состојба не ги ослободува од одговорност лицата кои ја злоупотребиле позицијата и не работеле во согласност со прописите, вели во интервју за МИА директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска.

Нагласува дека не треба да се чудиме на катастрофалните пораки што ни ги испраќа природата, оти природните закони не трпат амандмани и повикува граѓаните да се вклучат во борбата против корупција бидејќи последиците ги допира сите и тоа во разни форми.

Порачува дека е потребна повисока свест да се прекине опасната спирала на корупција, а доколку се најдат во таква немила состојба, граѓаните да не бидат неми набљудувачи на коруптивно однесување мислејќи дека тоа не ги допира.

Какви антикорупциски механизми е неопходно институциите да внесат во постапките по уредбите со законска сила, како при јавни набавки, диструбуција на државна помош и слично?

– Во реализацијата на постапките по уредбите особено е важно тие да бидат пред се целосно транспарентни и да бидат дизајнирани на начин што ќе овозможи почитување на начелата на еднаквост и јавност, односно фер учество на заинтересираните економски оператори, а службените лица да ги почитуваат начелата на интегритет, етичките норми и професионалните стандарди при извршување на своите јавни овластувања и должности. И се разбира мора да се воспостават механизми за контрола и отчетност.

Дали во вонредна состојба моќта на службените лица е зголемена или намалена?

– Се зголемува, а поради тоа се зголемуваат и ризиците од намерни грешки.

Како може да се следи реализацијата на уредбите со законска сила и мерките кои се носат во вонредни услови? Како навремено да се препознае можна корупција или злоупотреба на овластувањата?

– Се следат Уредбите со законска сила, особено оние по кои следи Упатство или Правилник за нивно спроведување. Понатаму се врши проценка на ризиците во смисла да се утврди можноста за двосмислено толкување, спротивно на идејата и целта што се сакало да се постигне, како и дали е предвидено разграничување на должностите и одговорностите со цел да се намали ризикот од концентрирана моќ. На крајот, со тестови на усогласеност се утврдува како функционира тоа што е предвидено во уредбите, упатствата и правилниците.

Што и доколку се покаже корупција или злоупотреба на овластувањата од институциите, колку и што реално може да се направи во вонредна состојба?

– Кривичниот законик во ниту еден случај, ниту во услови на вонредна состојба не ги ослободува од одговорност лицата кои ја злоупотребиле позицијата и не работеле во согласност со  прописите.