Со доза на неизвесност во Собранието на РМ почна координацијата кај претседателот Талат Џафери на чиј дневен ред е формирањето на најавеното собраниско тело за помирување и интеграција. Како што беше најавено, на состанокот не дојде координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а кратко по почетокот го напушти и Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците.

Освен тројцата пратеници обвинети за настаните од 27 април, на состанокот се присутни пратениците од новата пратеничка група независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, претставници на поделената БЕСА и независниот пратеник Панчо Минов.

По напуштањето на состанокот, Рашиди изјави дека не се јасни целите на средбата и на самото тело околу тоа кој со кого треба да се помири.

Се добива впечаток дека е за дневно-политички поени и протнување на мала врата на амнестија за 27 април. Ние сме за помирување, но во основа на стратешките цели за државата, за интеграција на ЕУ и НАТО и за затворање на внатрешните отворени проблеми, рече Рашиди.

Формирањето на собраниското тело, всушност, е четвртото барање на осуммината пратеници од опозицијата, кои гласаа „за„ отпочнување на постапката за уставни промени, согласно договорот со Грција.