Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, денеска во Владата одржа прес-конференција по повод стартот на работата на Агенцијата и првиот работен ден.
Тој истакна дека сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.
Денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата. Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата. Од денеска започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија, нагласи Димовски.
Посочи дека Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 е формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување, наведе директорот на АНБ.
Рече дека она, што ја прави Агенцијата современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција, истакнувајќи дека Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.
Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница, информираше Димовски.
Нагласи дека процесот на реформи на безбедносниот сектор сепак, не завршува со денот на отпочнување со работа на Агенцијата за национална безбедност.
Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, систем кој може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност. Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на Агенцијата кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата, изјави Димовски.
Изрази уверување дека со работата на Агенцијата за национална безбедност во целосна согласност со уставната и законската рамка во нашата земја и со целосно почитување и спроведување на основните европски вредности ќе демонстрираме не само определба, туку и капацитет да се носиме со сложените безбедносни предизвици во претстојниот период.
Comments are closed for this post.